Wednesday, March 19, 2008 2:36 PM

Ракометните јуниори почнуваат со Исланд

Македонските ракометари од утре до сабота со Балканијадата ќе ги отворат подготовките за бараж-натпреварите со Исланд за пласман на Светското првенство.
На првиот репрезентативен собир пред јунските дуели противници ќе ни бидат Турција, Србија и Босна и Херцеговина.
Се подгрева атмосферата во националниот ракометен состав пред утрешниот старт на Балканијадата, чии домаќини ќе бидат Скопје и Велес. Иако се работи за официјално балканско првенство, македонските репрезентативци без резултатско оптоварување, со мислите насочени кон приоритетот број еден во овој период, јунскиот бараж со Исланд.
„Се надевам дека ќе биде полно, и во Велес и во Скопје, на сите натпревари. Да одиграме со 100% од нашите можности, да видиме до кај сме во моментов со нашата форма. Пред полни трибини да го дочекаме баражот со Исланд“, изјави Борко Ристовски.
„Максимално ќе ги искористиме овие натпревари со БиХ, Србија и со Турција, значи за воигрување, резултатот не ни е примарен, важно е да се воиграме да се „осетиме“ кој како дише“, вели нашиот најдобар ракометар, Кире Лазаров.
Од РФМ откриваат дека во месец мај, Македонија ќе биде домаќин на уште еден турнир од сличен карактер се со цел достигнување на оптималната форма пред мундијалскиот бараж.
Радува фактот што и покрај неодамнешните недоразбирања во репрезентацијата, се уште е присутен позитивниот дух и хармоничната атмосфера од јануарските квалификации.
„Најважно од се е да ја задржиме оваа атмосфера, значи сите позитивни работи што ни се случија, од нас, репрезентацијата, федерацијата, публиката“, додаде Лазаров.
„Да ја надградуваме таа атмосфера и спој што владее во оваа репрезентација, да го тоа потврдуваме со резултати“, изјави селекторот, Илија Темелковски.

0 Comments On "Ракометните јуниори почнуваат со Исланд"