Sunday, March 23, 2008 7:26 PM

Пожар во битолско

Синоќа помеѓу битолските села Живојно и Сович изгоре дел од шумскиот појас на границата со Грција. На непристапните терени со борова и дабова шума кај месноста Шупорина чешма, изгореа над четири хектари.

До раните утрински часови мобилни-противпожарни единици на шумското претпријатие „Кајмакчалан“ и противпожарните екипи од грчка страна ја совладаа огнената стихија.
Сите претпоставки одат дека овој пожар е подметнат и најверојатно тоа го прават овчарите, кои што сакаат да освојуваат нови пасишта.
Жителите на село Добровени над кое беше зафатено ниско стеблеста шума, исто сметаат дека пожарот е подметнат.
„Во ова време не може да биде сама запалена. Во седум и осум часот нема стока нема ништо, тоа мора да е од некој човечки фактор“, велат жителите.
Пожарот целосно е совладан, а мобилните екипи на планинските терени на подножјето на „Кајмакчалан“ дежураат повторно да не избувне. Штетите допрва ќе се утврдуваат, а ќе се бараат и виновниците.

7:22 PM

Македонски мед на Олимпијадата во Пекинг

Македонскиот мед ќе ги засладува олимпијците во Пекинг, тој влезе во потесниот круг за избор на добавувач за Олимпијадата откако лани домашните пчеларски здруженија испратија мед за проба. Конечната одлука ќе падне за дева месеци кога Кинезите треба да го дегустираат.

Би сакале да го претставиме македонскиот мед во Кина, затоа што еден од типичните и многу квалитетни македонски производи. Ние како Амбасада на Народна Република Кина ќе соработуваме со македонските институции за да го овозможиме тоа“, изјави Сун Ли Веи, економски советник на Амбасадата на Кина.

Домашните пчелари не се загрижени што во Кина е еден од најголемите светски производители на мед, цената е речиси тројно пониска од македонката.

Квалитетот на нашиот мед треба да биде главен адут за цената во која тој ќе се продава на Олимпијадата во август, тврдат производителите.

„Имаме високо квалитетен мед, не можеме ние да го даваме медот по евро и пол. Нашиот мед треба да оди најмалку по три евра на големо не пакуван, во канти“, рече Јонче Мрнзебски, пчелар од Битола.

„Едно е чоколадо купено од нашиве фабрики, а друго е Нестле или светски реномирани фирми. Така и македонскиот мед“, вели Мирче Настовски, претседател на пчеларски сојуз Македонија.

Ако се остварат плановите главната придобивка за пчеларите ќе биде тоа етикетите на медот ќе бидат единствени и на нив јасно ќе стои дека е од Македонија.

„Ние во Кина влегуваме на мала врата, а ја отвораме големата светска порта, дека таму спортистите, организацијата сите тие практично цел Свет ќе го проба и ќе го дегустира нашиот мед“, додаде Настовски.

Во овој многу значаен извоз кој ќе го бетонира брендот на македонскиот мед, се планира да бидат вклучени околу 1.000 искусни пчелари, од речиси сите краишта на земјава.

Wednesday, March 19, 2008 2:36 PM

Ракометните јуниори почнуваат со Исланд

Македонските ракометари од утре до сабота со Балканијадата ќе ги отворат подготовките за бараж-натпреварите со Исланд за пласман на Светското првенство.
На првиот репрезентативен собир пред јунските дуели противници ќе ни бидат Турција, Србија и Босна и Херцеговина.
Се подгрева атмосферата во националниот ракометен состав пред утрешниот старт на Балканијадата, чии домаќини ќе бидат Скопје и Велес. Иако се работи за официјално балканско првенство, македонските репрезентативци без резултатско оптоварување, со мислите насочени кон приоритетот број еден во овој период, јунскиот бараж со Исланд.
„Се надевам дека ќе биде полно, и во Велес и во Скопје, на сите натпревари. Да одиграме со 100% од нашите можности, да видиме до кај сме во моментов со нашата форма. Пред полни трибини да го дочекаме баражот со Исланд“, изјави Борко Ристовски.
„Максимално ќе ги искористиме овие натпревари со БиХ, Србија и со Турција, значи за воигрување, резултатот не ни е примарен, важно е да се воиграме да се „осетиме“ кој како дише“, вели нашиот најдобар ракометар, Кире Лазаров.
Од РФМ откриваат дека во месец мај, Македонија ќе биде домаќин на уште еден турнир од сличен карактер се со цел достигнување на оптималната форма пред мундијалскиот бараж.
Радува фактот што и покрај неодамнешните недоразбирања во репрезентацијата, се уште е присутен позитивниот дух и хармоничната атмосфера од јануарските квалификации.
„Најважно од се е да ја задржиме оваа атмосфера, значи сите позитивни работи што ни се случија, од нас, репрезентацијата, федерацијата, публиката“, додаде Лазаров.
„Да ја надградуваме таа атмосфера и спој што владее во оваа репрезентација, да го тоа потврдуваме со резултати“, изјави селекторот, Илија Темелковски.

Monday, March 17, 2008 3:39 PM

Црвениот крст му додели златен медал на Тоше

Црвениот крст на Македонија му додели златен медал на Тоше Проески. Ова признание за хуманоста, кое за првпат се доделува оваа година, постхумно беше доделено на Тоше за неговата поддршка во акциите на Црвениот крст.



Тој како крводарител беше дел и од кампањата „Дарувај крв, биди хуман“.
„Беше длабоко хуман и солидарен човек, ги поддржуваше сите наши акции за мобилизирање на моќта на хуманоста. Неговото „Сите ве сакам“ ќе биде вечна водилка на нашата хумана мисија, бидејќи да се биде хуман и непристрасен не е лесно“, изјави Саид Саити, генерален секретар на Црвен крст на Македонија.
17 март се одбележува како Ден на крводарителството во Македонија. Од оваа година крводарителите, кои имаат дарувано крв повеќе од десет пати, ќе имаат и бенефиции во здравствените услуги.
Ќе бидат ослободени од партиципација при лабораториски анализи, стоматолошки услуги, ехографски снимања, рендгенски и прегледи со скенер и магнетна резонанца. Нема да плаќаат и за болнички лекувања и рехабилитации.
Од Црвениот крст велат дека минатата година имало рекорден број на крводарители, кога биле собрани над 50.000 единици на крв.

Sunday, March 9, 2008 5:53 PM

,,САД сакаат да ја видат Македонија во НАТО,,

Дора Бакојани вчера одново ги предупреди скопските власти дека додека не биде постигнато обострано прифатливо решение на спорот околу името, Грција не може да се согласи „ПЈРМ“ да добие покана за членство во НАТО. Во интервјуто за „Катимерини“, шефицата на грчката дипломатија најави не едно, туку „вето во повеќе наврати“ доколку не биде постигнат договор.

Таа смета дека до април и средбата на врвот на НАТО во Букурешт има доволно време да биде постигнат договор, што би бил ратификуван од Советот за безбедност на ОН. Министерката Бакојани истакнува дека Атина ги поддржува предлозите на специјалниот посредник на ОН за името, во кои фигурира географска одредба.

Заканите дојдоа само 24 часа по посетата на помошникот на државниот секретар на САД за прашања за Европа и за Евроазија Даниел Фрид на Скопје и разговорите доцна во петокот со премиерот Никола Груевски и со шефот на државата Бранко Црвенковски. Од средбите беше лиферувано штуро соопштение дека „Груевски и Фрид размениле мислења за завршната фаза од македонската кандидатура за членство во НАТО, како и за актуелниот процес на разговори помеѓу Република Грција и Република Македонија во однос на разликата за името“ од кое не може да се разбере дали Фрид во Скопје донесе порака дека САД решиле да се вклучат во „завршницата“ на грчко-македонскиот спор со името со цел да се задоволат две нешта: и Грција која бара едно ново име за северниот сосед, но и американскиот интерес да не пропадне планот за проширување на НАТО со земјите од Јадранската тројка.

„Америка е пријател на Македонија и сакаме да ја видиме Македонија во нашиот заеднички систем на вредности. Во НАТО постои голема отвореност кон Македонија, но потребно ни е решение за прашањето со името“, оваа порака ја пренел Даниел Фрид на македонските власти на средбата во петокот. Во интервјуто за телевизијата А1, Фрид уште додаде дека „доколку има доволно политичко водство и политичка волја“, има шанси и време до самитот во Букурешт да се најде решение за името. „Мислам дека може. Членството во НАТО значи дека САД, најсилната земја на светот, ќе се заложат да ја бранат Македонија. Тоа значи дека другите големи европски нации, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Шпанија... и сите ваши соседи исто ќе гарантираат дека ви се сојузници“, изјави Фрид.

Пораката која високиот американски дипломат Даниел Фрид ја пренел во Скопје е дека владите на Македонија и на Грција треба да работат заедно и многу напорно за решение за името, ја пренесува Макфакс изјавата на заменик-портпаролот на Стејт департментот Том Кејси. Кејси одговори на новинарско прашање за целите на посетата на Даниел Фрид на Македонија за која официјално Скопје не изнесе многу детали. „...Владата на Македонија, исто како и владата на Грција, треба да работат заедно и многу напорно за да се најде заемно прифатливо решение за разликите за името под медијаторство на Метју Нимиц“, изјавил Кејси.

„Вашингтон пост“ во еден од последните броеви пишува дека администрацијата на претседателот Џорџ Буш и повеќето членки на НАТО се согласни дека Македонија, Хрватска и Албанија треба да и' се приклучат на Алијансата. Но, Грција се држи до своето апсурдно барање Македонија претходно да го смени името. Таквиот став, поддржан од грчките националисти, не треба да го спречи НАТО да и' упати покана на Македонија.

Но, во вчерашното интервју, Бакојани вели дека во писмото што го испратил американскиот претседател Џорџ Буш до грчкиот премиер Костас Караманлис било наведено дека и САД и Русија ќе го прифатат името што би било постигнато при преговорите.

Но, Грција не и' се заканува само на Македонија. Албанската агенција „Балкан веб“ објави дека „со јасен и ни малку дипломатски тон, официјална Атина и' упати јасна порака на Албанија: почитување и поголеми права за грчкото малцинство, како услов за зачленување во НАТО“. Министерката за надворешни работи Дора Бакојани, која го изјавила тоа, објаснила дека не станува збор за вето, туку за „совет“ што треба да го исполнат албанските власти до самитот во Букурешт.

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски пред средбата со Фрид за „Утрински“ изјави дека доколку стави вето, „Грција во рамките на НАТО би требало да ја преземе својата одговорност на дилемата дали стратегиските планови на Алијансата заслужуваат да бидат минирани со вето“. Министерот е оптимист дека Букурешт ќе биде добар самит за Македонија.

1:34 PM

Велешанец се запали и се фрли од седми кат

Недела, 09.03.2008
Прошталната порака „Изгорев за Македонија“ 55-годишниот велешанец Илија Здравевски ја напишал утрово околу 10 часот, пред да се полие со бензин, да се запали и да се фрли од седмиот кат на една зграда во Велес.

Од тешките изгореници и падот, Здравевски веднаш починал. Неговото самоубиство ги вознемири станарите од зградата, но и минувачите на ова фреквентно место.

„Видовме како човекот висеше на оградата на нашата тресална и едноставно се потпали и се фрли надолу. Само видовме кога падна човекот долу, гореше и само го изгасивме со вода и со она што е покриен. Гореше, и тоа јако горење буквално, во пламен беше целиот“, изјавија очевидци.

На ѕидот од тресалната на седмиот кат се уште беа видливи траги од чад. Станарите кои први го виделе раскажуваат дека пред самоубиството Здравевски тука ја оставил својата актовка, па се фрлил заедно со пораката која ја напишал.

55-годишниот велешанец живеел сам во близина на зградата од која се самоуби. Не бил женет, а веќе пет месеци бил без работа, откако се затворила обложувалницата во која работел.

Оние кои го познаваат се шокирани од неговото самоубиство. Велат дека бил мирен човек и дека пораката која ја оставил е збунувачка за нив.

„Стално ме услужуваше кога ми требаа ситни пари и ред други работи. Иле беше добар за мене“, рече очевидец.

Ова е второ самоубиство во истата зграда. Пред четири години 26-годишна велешанка си го одзеде животот откако скокна од деветтиот кат.


извор: А1 телевизија