Sunday, March 9, 2008 5:53 PM

,,САД сакаат да ја видат Македонија во НАТО,,

Дора Бакојани вчера одново ги предупреди скопските власти дека додека не биде постигнато обострано прифатливо решение на спорот околу името, Грција не може да се согласи „ПЈРМ“ да добие покана за членство во НАТО. Во интервјуто за „Катимерини“, шефицата на грчката дипломатија најави не едно, туку „вето во повеќе наврати“ доколку не биде постигнат договор.

Таа смета дека до април и средбата на врвот на НАТО во Букурешт има доволно време да биде постигнат договор, што би бил ратификуван од Советот за безбедност на ОН. Министерката Бакојани истакнува дека Атина ги поддржува предлозите на специјалниот посредник на ОН за името, во кои фигурира географска одредба.

Заканите дојдоа само 24 часа по посетата на помошникот на државниот секретар на САД за прашања за Европа и за Евроазија Даниел Фрид на Скопје и разговорите доцна во петокот со премиерот Никола Груевски и со шефот на државата Бранко Црвенковски. Од средбите беше лиферувано штуро соопштение дека „Груевски и Фрид размениле мислења за завршната фаза од македонската кандидатура за членство во НАТО, како и за актуелниот процес на разговори помеѓу Република Грција и Република Македонија во однос на разликата за името“ од кое не може да се разбере дали Фрид во Скопје донесе порака дека САД решиле да се вклучат во „завршницата“ на грчко-македонскиот спор со името со цел да се задоволат две нешта: и Грција која бара едно ново име за северниот сосед, но и американскиот интерес да не пропадне планот за проширување на НАТО со земјите од Јадранската тројка.

„Америка е пријател на Македонија и сакаме да ја видиме Македонија во нашиот заеднички систем на вредности. Во НАТО постои голема отвореност кон Македонија, но потребно ни е решение за прашањето со името“, оваа порака ја пренел Даниел Фрид на македонските власти на средбата во петокот. Во интервјуто за телевизијата А1, Фрид уште додаде дека „доколку има доволно политичко водство и политичка волја“, има шанси и време до самитот во Букурешт да се најде решение за името. „Мислам дека може. Членството во НАТО значи дека САД, најсилната земја на светот, ќе се заложат да ја бранат Македонија. Тоа значи дека другите големи европски нации, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Шпанија... и сите ваши соседи исто ќе гарантираат дека ви се сојузници“, изјави Фрид.

Пораката која високиот американски дипломат Даниел Фрид ја пренел во Скопје е дека владите на Македонија и на Грција треба да работат заедно и многу напорно за решение за името, ја пренесува Макфакс изјавата на заменик-портпаролот на Стејт департментот Том Кејси. Кејси одговори на новинарско прашање за целите на посетата на Даниел Фрид на Македонија за која официјално Скопје не изнесе многу детали. „...Владата на Македонија, исто како и владата на Грција, треба да работат заедно и многу напорно за да се најде заемно прифатливо решение за разликите за името под медијаторство на Метју Нимиц“, изјавил Кејси.

„Вашингтон пост“ во еден од последните броеви пишува дека администрацијата на претседателот Џорџ Буш и повеќето членки на НАТО се согласни дека Македонија, Хрватска и Албанија треба да и' се приклучат на Алијансата. Но, Грција се држи до своето апсурдно барање Македонија претходно да го смени името. Таквиот став, поддржан од грчките националисти, не треба да го спречи НАТО да и' упати покана на Македонија.

Но, во вчерашното интервју, Бакојани вели дека во писмото што го испратил американскиот претседател Џорџ Буш до грчкиот премиер Костас Караманлис било наведено дека и САД и Русија ќе го прифатат името што би било постигнато при преговорите.

Но, Грција не и' се заканува само на Македонија. Албанската агенција „Балкан веб“ објави дека „со јасен и ни малку дипломатски тон, официјална Атина и' упати јасна порака на Албанија: почитување и поголеми права за грчкото малцинство, како услов за зачленување во НАТО“. Министерката за надворешни работи Дора Бакојани, која го изјавила тоа, објаснила дека не станува збор за вето, туку за „совет“ што треба да го исполнат албанските власти до самитот во Букурешт.

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски пред средбата со Фрид за „Утрински“ изјави дека доколку стави вето, „Грција во рамките на НАТО би требало да ја преземе својата одговорност на дилемата дали стратегиските планови на Алијансата заслужуваат да бидат минирани со вето“. Министерот е оптимист дека Букурешт ќе биде добар самит за Македонија.

0 Comments On ",,САД сакаат да ја видат Македонија во НАТО,,"